свет

Израел држи во притвор осуммина странски активисти од хуманитарниот брод за Газа

Израелската комисија за ревизија на притворот им овозможила на властите „произволно да го продолжат притворот, евентуално до еден месец, сè до 8 јули 2025 година, без дополнителен судски надзор“, објави организацијата за човекови права Адала

Betül Yılmaz  | 11.06.2025 - Обновена : 12.06.2025
Израел држи во притвор осуммина странски активисти од хуманитарниот брод за Газа

Istanbul

Осуммина странски активисти од хуманитарниот брод „Мадлин“, кој тргна кон Газа, сè уште се наоѓаат во израелски притвор, соопшти денес организацијата за човекови права Адала, јавува Анадолу.

„Продолженото притворање на волонтерите од ‘Мадлин’ е целосно незаконско“, наведува организацијата за човекови права.

„Волонтерите мора веднаш да бидат ослободени и безбедно вратени - или на бродот ‘Мадлин’ за да ја продолжат својата хуманитарна мисија за Газа или во своите матични земји.“

Израелските сили го запленија бродот што пловеше под британско знаме во меѓународни води рано во понеделникот, при што беа притворени сите 12 члена на екипажот.

Бродот тргна од Сицилија, Италија, на 6 јуни со цел да ја пробие блокадата на Израел на Појасот Газа, каде што од октомври 2023 година досега животот го загубиле речиси 55.000 луѓе, според хуманитарните организации.

Вчера израелските власти депортираа четворица активисти, меѓу кои и шведската еколошка активистка Грета Тунберг, а осуммина останаа во притвор.

Адала изјави дека активистите се обвинети за „нелегално влегување“ во Израел.

„Тие ниту се обиделе да влезат во Израел ниту имале намера да влезат во израелски територијални води“, се вели во соопштението.

„Нивната планирана маршрута беше од Сицилија до меѓународни води, а потоа директно до територијалните води на државата Палестина, во Газа.“

Активисти што остануваат во израелски притвор се: Хусеин Шуајб Орду​​​​​​​ од Турција, Марк ван Ренес од Холандија, Рима Хасан, Паскал Моријерас, Јанис Мхамди и Рева Вијар од Франција, Тијаго Авила од Бразил и Јасемин Акар од Германија.

Адала ја обвини израелската Комисија за ревизија на притворот дека им овозможила на властите „произволно да го продолжат притворот, евентуално до еден месец, сè до 8 јули 2025 година, без дополнителен судски надзор“, со закажување на следното рочиште токму на тој датум – што, како што велат, претставува „јасно кршење на меѓународното право.“

Од почетокот на март Израел ги држи затворени сите гранични премини кон Газа, со што целосно го прекина доставувањето хуманитарна помош, вклучително храна, лекови и гориво, за 2,4 милиони жители на енклавата.

Израел, отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, спроведува катастрофална офанзива во Газа од октомври 2023 година, при што се убиени речиси 55.000 Палестинци, повеќето жени и деца.

Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.